D A J A
РОМСКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА
ROMA WOMEN ORGANIZATION FROM MACEDONIA
ROMANI ORGANIZACIJA E DzUVLENGIRI TARI MAKEDONIJA

За нас
      
Ромската организација на жените од Македонија “ДАЈА” од Куманово е невладина, непрофитна, непартиска и прва женска Ромска организација на Балканот и во Македонија, со седиште во Куманово. РОЖМ”ДАЈА“ е формирана на 06/06/1993 година со цел за обезбедување помош на Ромската популација на повеќе полиња. Своите проекти ги темели на официјални државни информации во поглед на состојбата на Ромите во Република Македонија, но и на податоци врз сопствени истражувања од областа на образованието, здравството, економијата и родовите односи, како области каде се лоцирани најголем дел од проблемите на нашата целна група, кои континуирано ги спроведува. Со оглед дека Р.О.Ж.М. “Даја” е прва ромска женска организација на ниво на Македонија, истата е активна сиот период од своето основање досега и има стекнато углед и авторитет во локални и национални рамки, за што сведочат голем број на признанија и награди во изминатиот период.
Во периодот на основање на РОЖМ Даја состојбата кај ромската популација беше следната: женските деца не се школуваа во формалното образование, а и кога ќе се запишеа, многу брзо се откажуваа. Појавата на рани малолетни бракови, во кои девојчињата имаа и по 12 год. беше честа, како и традиционалното влијание на родителите при тоа. Дури и во Градинката на Даја поголем број на деца во почетокот беа од машки пол. Самите родители не беа заинтересирани за нивните деца, па не доаѓаа на работилниците и родителските средби. Посебно незаинтересирани беа татковците. Од друга страна на трибините кои ги правеше РОЖМ Даја, присувството на жените Ромки беше реткост, поради традиционалните вредности на ромското семејство дека на жената и е место само до домот.
Што се промени во изминативе 15 години: првин, се повеќе јакне свеста кај Ромите дека школувањето на децата е услов за интеграција во општеството, дека и на женските деца подеднакво им е место во училишните клупи од најмлада возраст. Школувањето не треба да се прекине уште во основното образование поради мажачка договорена од страна на родителите. Воспитувањето на децата и интересот на родителите треба да биде заедничка обврска. Следствено на премисата дека и девојчињата треба да се школуваат, јакне и свеста, особено кај мажите Роми, дека и жените Ромки можат да бидат активни во јавниот и општествениот живот.
Стратешки цели на Р.О.Ж.М. "Даја" поставени со Стратегијата за работа 
(2005-2010) се:

•    Активно вклучување на Даја во реализација на целите на Декадата на Ромите 
•    Еманципација (особено во делот на рушење на традиционалните рамки во семејството во поглед на едукацијата) и интеграција на жената Ромка во општеството 
•    Продлабочување и проширување на соработката со инстутуциите кои работат во доменот на образование, особено основните и средните училишта од Куманово каде учат ромски ученици 
•    Подобрување на положбата на Ромската младина во општеството, особено во делот на нивна едукација и вработување 
•    Подобрување на здравствената состојба на Ромска популација 
•    Минимум финансиска одржливост на Даја со формирање на посебен тим за контакти со донатори 

Мисија на Р.О.Ж.М. "Даја"

Р.О.Ж.М. "ДАЈА" е здружение на граѓани (женска организација) која постои поради еманципација на Ромската жена и интегрирање на Ромската популација во општеството, преку реализација и поддршка на активности за подигнување на образовното ниво, правна заштита и подобрување на социјалната состојба на ромската популација во Република Македонија.

Фокус групи 

Својата работна енергија Р.О.Ж.М. “ДАЈА” ја насочува кон повеќе целни групи:

•  Жени Ромки;
•  Млади Роми;
•  (Ромски) НВО-и;
•  Ромска популација

Географски простор на делување 

На локално ниво РОЖМ Даја работи директно на потребите на целната група, решавајќи ги проблемите како: незаинтерсираноста за образование, особено за женските деца, неписменоста, слабиот успех и осипувањето во училиштата, давање на информации и совети за остварување на одделни права и сл. За таа цел се соработува со локалните образовни и социјални институции, Општина Куманово, локални НВО - и и медиуми итн. 
На национално ниво се работи на будење на свеста кај ромската популација за потребата од образование, но и политички активизам. Ова второво се однесува пред се на жените Ромки, кои се наоѓаат во двојно деградирачка позиција (и како жени и како припадници на ромски ентитет). Во овој правец соработка е воспоставена со Министерствата за труд и социјална политика (особено Секторот за еднакви можности), Министерството за образование и наука (Управата за националности), НВО - и итн.
На регионално и пошироко интернационално ниво, РОЖМ Даја соработува со други НВО -и и мрежи (на пример Ромска развојна мрежа) при што се градата заеднички стратегии за решавање на битни прашања на ромската популација.
Целни групи притоа се:
•  жени Ромки, и тоа оние кои се неедуцирани, неписмени, нееднакви во семејството; но и жени Ромки кои имаат изразен афинитет за политичка партципација и соодветно образование.
•  ромски ученици, со посебен акцент на девојчињата, и тоа како во предучилишното така и во формалното образование. 
•  генерално ромската популација

Стратешко позиционирање 

Гледано на подолг рок, РОЖМ Даја успеа да се наметне како значаен фактор за еманципирање на ромската жена и нејзина интеграција во општеството. Во тие рамки РОЖМ Даја успеа да изгради добри односи со владини и невладини организации. РОЖМ Даја е препознаена како прва и најуспешна женска ромска организација во Македонија и пошироко. Доказ за тоа претставува добивањето на најпрестижната награда на град Куманово - Ноемвриската наград во 2001 год. 
РОЖМ Даја е во секојдневна комуникација со централните и локалните власти. Така на пример со Министерството за труд и социјална политка, односно Секторот за рамноправност меѓу половите имаме и партнерски однос за соодветни проекти и целосна подршка за Кампањата за поголемо политичко учество на жената Ромка. Од ова Министерство не консултираат за секаква измена на закон која се однесува генерално на жените, при што го уважуваат нашето мислење. Со Министерството за образование и наука, пред се со Управата за унапредување на националностите исто така имаме секојдневни контакти и партнерски однос при реализација на образовни проекти. 
На локално ниво, РОЖМ Даја соработува со локалните власти, со сите образовни институции: училишта, Инспекторат, Биро за развој, Јавна градинка и сл. За секој проблем во врска со образованието на Ромите сме консултирани а редовно одржуваме средби со помош на кои превентивно делуваме. Контакти имаме изградено и со локалните Центри за социјална работа и вработување, па така честопати заеднички излегуваме во пресрет на решавање на одделни социјални проблеми. Во поглед на комуникациите со медиумите, цврста соработка имаме со локалната ТВ Нова, како и националната МТВ кои се редовни гости на наши промоции. 
Покрај Кампањата, РОЖМ Даја соработува со политичките партии, особено со оние со ромски предзнак. 
РОЖМ Даја настојува да ја унапреди соработката со меѓународните претставници (Амбасадор на ЕУ, САД, Германија, Холандија,) , организации (УНДП,РЕФ, УНИФЕМ, ОСЦЕ,УСАИД) и фондации. За жал, фондациите се повеќе се повлекуваат од Регионот очекувајќи ги Европските ИПА фондови кои се уште не се достапни за Македонија. 
Тоа отвора еден вакуум во финансирањето поради кој многу граѓански организации згаснуваат или се пасивизираат. 
Бизнис секторот (поголем број на хотели и ресторани од Куманово и цела Македонија, транспортни претпријатија, печатници, претпријатија за ИТ) во Македонија се уште е пасивен во поглед на подршка на активностите на НВО. Сепак, во наредниот период РОЖМ Даја ќе се обиде да оформи стратегија за соработка со бизнис секторот за да ги наведе на подршка на активностите од која тие ќе имаат полза во поглед на рекламирање.
Македонско Женско Лоби е интерсекторска група од жени интелектуалки, политичарки, деловни и воопшто најуспешни жени од Македонија кои од како е формирана се покажа како најсилен лоби тим за подобрување на статусот на жените во Македонија во институционална смисла.
РОЖМ Даја во изминативе 15 години се профилира како најзначаен двигател за интеграција на ромската популација во општеството, особено од аспект на позицијата на жената Ромка. 


Визија на Р.О.Ж.М. "Даја"

Во својот тринаесетгодишен период на дејствување, РОЖМ Даја се изгради и докажа како организација која има сензитивност кон потребите на Ромската популација и капацитет да ги разрешува нивните проблеми на адекватен начин. Оттука произлезе и потребата од создавање на нова визија за организацијата, во рамки на која РОЖМ Даја е фондација (консултанска куќа) која што работи на програми во полето на:

•  Едукација на Ромската популација 
•  Рамноправност помеѓу половите
•  Зголемување на стапката на вработеност и социо-економскиот статус на Ромите воопшто 

Притоа клучни активности се:
•  Обезбедување на грантови за активности за едукација, вработување и еманципација на Ромите 
•  Консултантски услуги за организациите кои работат на Ромските прашања 

Целна група е ромската популација во Република Македонија. 
При остварување на своите цели, РОЖМ Даја соработува со Владата на РМ, Министерствотото за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Локалната самоуправа, локалните образовни, здравствени и социјални институции и НВО - и од цела РМ.
Покрај Владата на РМ и локалната самоуправа на Куманово, клучни партнери во финансирање на програмите на РОЖМ Даја се странски и домашни донатори. 
РОЖМ Даја располага со соодветни материјално - технички и кадровски ресурси неопходни за реализацијата на програмите: поголм простор за работа, соодветно опремени простории, кадар од 40 стручно подготвени луѓе, поделени во 5 програми и 8 тимови, студенти - волонтери итн. Работата е тимска, со поделена одговорност на членовите на тимовите и меѓусебна соработка. 
Иако визијата не значи и реалност, сепак, целиот хуман потенцијал на РОЖМ Даја јасно и недвосмислено стои зад ваквите размислувања за иднината на организацијата и целосно е ставен во функција на што поскоро остварување на визијата на организацијата. 

Структура на организацијата


Органи на ДАЈА, според статутот, се: 
Собрание, Надзорен одбор, Извршен одбор и Активни членови 
РОМСКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА
ROMA WOMEN ORGANIZATION FROM MACEDONIA
ROMANI ORGANIZACIJA E DzUVLENGIRI TARI MAKEDONIJA

Copyright © 2017 DAJA  |  All Rights Reserved                                                                                                                           Design by Bajram Demirali